Свет

Скандинавците плаќаат илјадници евра за евакуациски летови од Блискиот Исток

Скандинавците плаќаат илјадници евра за евакуациски летови од Блискиот Исток

Враќањето на скандинавските граѓани од Блискиот Исток се покажува како скапа операција, откако неколку држави организираа евакуациски летови за своите државјани, но со значителни трошоци кои треба самите да ги покријат патниците.

Како што објавуваат медиумите, седиште во авионот кој во неделата превезе 180 шведски државјани од Дубаи до Стокхолм чинело 1.100 евра за возрасни и 850 евра за деца. Уплатата требало да се изврши веднаш на сметката на Министерството за надворешни работи, а оние кои не ја платиле навреме го губеле резервираното место, кое потоа им било понудено на други заинтересирани од листата.

Еден од патниците, Швеѓанецот Бенџамин, за шведскиот весник „Афтонбладет“ изјавил дека за враќањето на своето петчлено семејство платил повеќе од 5.000 евра.

„Само сакам моите деца да се вратат дома. Немам поим дали осигурувањето ќе ми ги врати парите. Сепак, изненаден сум што земји како Србија и Италија ги вратија своите граѓани дома пред пет дена и тоа без никакви трошоци за нив“, изјавил тој.

Слична ситуација имало и со финските граѓани во регионот. Висок функционер на финското Министерство за надворешни работи неодамна оцени дека тие се наоѓаат во „стресни, но не и опасни ситуации“. Откако околу 600 Финци во Обединетите Арапски Емирати изразиле желба да се вратат дома, Финска организирала евакуациски лет од Оман до Хелсинки по цена од 2.300 евра по лице.

Бидејќи мал број луѓе можеле да ја платат таа сума, владата подоцна ја намалила цената на 1.230 евра, односно на износ колку за еднонасочен билет до Хелсинки. Сепак, во авионот кој полетал од Мускат минатиот викенд имало само 160 седишта, што е четири пати помалку од бројот на заинтересирани.

И Данска и Норвешка досега организирале по еден лет за репатријација на своите граѓани, иако интересот бил значително поголем од капацитетот на авионите. За резервација на место на овие летови, двете земји наплатувале околу 1.000 евра.

На граѓаните кои не успеале да добијат место им било препорачано најпрво да се обратат до комерцијални авиокомпании и туристички агенции.

На веб-страницата на шведското Министерство за надворешни работи се наведува дека патниците треба да проверат дали нивното патничко осигурување вклучува и осигурување за катастрофи и да бидат подготвени за непредвидени ситуации при патување.

„Доколку се случи несреќа и немате осигурување, патувањето може да биде многу скапо. Ако ви се потребни пари во странство поради неочекувани настани, првиот чекор треба да биде да ја контактирате осигурителната компанија, а можете да се обратите и до роднини или пријатели за помош“, стои во препораките.

Според ова, граѓаните кои патуваат во странство првенствено самите се одговорни за сопствената безбедност, а помошта од државата обично доаѓа дури откако ќе се исцрпат другите можности и најчесто е ограничена.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни