Една година по страотниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, Собранието одржа комеморација за 63-цата млади лица кои ги загубија животите. Но, наместо утеха, кај семејствата преовладуваат гневот и чувството дека државата ги третира како непријатели.
Татко на едно од загинатите деца, во емотивна изјава по собирот, откри дека дури и овој чин на оддавање почит не бил самоиницијативен од страна на државата, туку резултат на силен притисок од родителите.
„Ако ние не притискавме, немаше да има ниту комеморација. Срамота е по цела година да им текне да изразат сочувство. Ова го нема ниту во најзаостанатите земји. Нас не нè гледаат како луѓе што страдаат, нè гледаат како противници, како ѓаволи“, вели револтираниот родител.
Најголемата болка за семејствата, покрај загубата, е обидот за префрлање на вината врз жртвите и нивните родители.
Таткото сведочи за сурови прашања со кои се соочувале во изминатиот период – зошто воопшто ги пуштиле децата во дискотека?
Родителот е дециден дека трагедијата е директен резултат на неработењето на институциите.
„Ова е убиство од небрежност. Ако работеа како што треба, нашите деца сега ќе беа тука, ќе пиеја кафе и ќе шетаа“, порача тој.
Тој обвинува дека додека родителите кукаат над гробовите, одговорните продолжуваат со своите бизниси и полнење на џебовите.
Во своето обраќање, таткото ја отслика личната трагедија на секој родител кој го изгубил својот наследник.
„Цел живот работам, крампам и градам за да му оставам нешто на моето дете. Сега, на кого ќе остане таа куќа? Од друга страна, функционерите доаѓаат на четири години, се напакуваат со пари за своите внуци и правнуци, а нашите деца ги праќаат во земја. Срамота е, во каква држава сме се родиле“, заклучи тој.
Трагедијата во „Пулс“, која однесе 63 млади животи, останува отворена рана, а судскиот процес кој е во тек се очекува да даде одговор на прашањето – дали некој навистина ќе сноси одговорност за „убиството од небрежност“ на една цела генерација.