Информацијата објавена од медиумите за формирање на нова иницијатива за обединување на опозицијата предизвика итна мобилизација во врвот на СДСМ.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, свикал итна координација со пратеничката група, што во партиските кулоари се толкува како обид за „пребројување“ и присилно демонстрирање на единство.
Претседателот на СДСМ експресно ја дискредитираше иницијативата, етикетирајќи ги нејзините автори како луѓе кои „одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ“. Според него, документот кој се појави во јавноста има за цел да ја распарчи опозицијата.
„Што може да се очекува од тоа, освен дека е пишувано во ‘Белата палата’ на ВМРО-ДПМНЕ и дадено на некои луѓе да го презентираат? Секој што излегува со намера да ја ситни партијата — јас тоа нема да го дозволам“, дециден е Филипче.
Тој ја поврза оваа иницијатива со случајот на Петре Шилегов, тврдејќи дека партијата нема да толерира внатрешни напади. На прашањето за докази против Шилегов, Филипче кратко одговори: „Шилегов не сака да ги презентирам доказите“.
Иако раководството се обидува да прикаже монолитност, извори од пратеничката група за медиумите откриваат сосем поинаква атмосфера. Најголемиот револт кај Филипче го предизвикала најавата дека барем петмина пратеници на СДСМ веќе ја поддржуваат новата платформа.
- Целта на состанокот: Филипче најверојатно ќе бара пратениците јавно да се изјаснат дека се лојални на актуелното раководство.
- Очекувања: Се предвидува жестока дебата, бидејќи пратениците сметаат дека е грешка што партијата негативно реагира на иницијатива за обединување, наместо да ја поздрави.
„Најверојатно ќе ги пребројува пратениците, односно ќе бара да се изјасниме дека сме единствени, кога се знае дека не е така“, вели пратеник од СДСМ за „Слободен печат“.
За разлика од тврдењата на Филипче, иницијаторите (меѓу кои има основачи на СДСМ, професори и поранешни функционери) велат дека нивниот фокус не е реформа на СДСМ, туку уривање на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Да имаше раководството капацитет и волја да ја обедини опозициската енергија, ќе немаше потреба од ваква иницијатива“, порачуваат од платформата, оградувајќи се од каква било соработка со владејачката партија.