Екипите на зимската служба на Град Скопје започнаа со превентивни интервенции на градските сообраќајници по најавите за снежни врнежи и пад на температурите.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека активностите започнале уште вчера во доцните попладневни часови, со посебен акцент на повисоките делови од главниот град, особено на Водно, каде што веќе падна првиот снег.
„Не чекаме да нѐ „изненади“, делуваме пред да падне првиот снег“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Додека снегот создава проблеми во регионот, ние остануваме на терен цела ноќ за скопјани и утре рано да тргнат по безбедни и проодни улици“, објави градоначалникот.