Македонија

МРТ со загуба од 35 милиони денари – ревизорите укажаа на нерешени имотно-правни прашања

МРТ со загуба од 35 милиони денари – ревизорите укажаа на нерешени имотно-правни прашања

Македонската Радио Телевизија ја заврши 2025 година со загуба од околу 34,9 милиони денари, покажуваат финансиските извештаи разгледани на 34-тата седница на Програмскиот совет. Според документите, вкупните приходи изнесувале над 1,21 милијарда денари, додека расходите надминале 1,24 милијарди денари.

Главна причина за негативниот финансиски резултат е намалувањето на средствата од државниот буџет за околу 80 милиони денари, по ребалансот во текот на минатата година.

На седницата беше разгледан и ревизорскиот извештај за финансиското работење на јавниот сервис, во кој независниот ревизор дава мислење со резерва, но без констатации за незаконито работење. Резервата се однесува на нерешени имотно-правни прашања, односно дел од недвижностите што МРТ ги користи, но нема целосна документација за сопственост.

Дополнително, ревизорите укажуваат и на неусогласеност меѓу износот на основната главнина во евиденцијата на претпријатието и податоците во Централниот регистар – проблем што се провлекува со години.

Во последниот квартал од 2025 година, МРТ остварила загуба од речиси 120 милиони денари, но годишниот резултат бил ублажен поради позитивното работење во претходните квартали.

Програмскиот совет ги усвои финансиските извештаи и измените на планот за јавни набавки за 2026 година, со пренамена на средства за одржување на техничката опрема, со цел обезбедување континуитет во производството и емитувањето на програмата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни