Македонија

„Бегај мамо, ќе дојде Стојанче, ќе ти направи нешто“: Потресно сведочење на мајката на починатата Ивана

„Бегај мамо, ќе дојде Стојанче, ќе ти направи нешто“: Потресно сведочење на мајката на починатата Ивана

Во Основниот кривичен суд Скопје, мајката на починатата Ивана Јовановска сведочеше дека нејзината ќерка со години живеела во страв од сопругот Стојанче Јовановски, изложена на физичко и психичко насилство.

Таа пред судот изјави дека кај ќерка ѝ често забележувала модринки и повреди, но Ивана избегнувала да признае дека е жртва на насилство.

Според сведочењето, ситуацијата кулминирала во 2021 година, кога била повикана во станот и затекнала вознемирена ќерка со детето, додека обвинетиот бил агресивен, по што интервенирала и полицијата.

„Ивана беше вознемирана и ја гушкаше Катја и седеше во дневната соба, а тој беше многу лут и нервозен, шеташе и овој збор што ми го кажа мислам дека не можам да го преболам, првпат во живот го кажав пред обвинителката, не можам да го кажам на јавноста. Беше толку револтиран и ми кажа дека „Ивана барала поголем за да ја задоволи, а јас досега, рече, никаде и никогаш не сум го ставил во друга жена“. Кога дојде полиција, го извадија надвор за да разговараат, еден од нив беше со нас во соба, Ивана беше многу исплашена, бидејќи јас додека бев таму пред да дојде полицијата, тој тргна да ја удри, односно ја удри, но јас застанав меѓу нив и му реков да ми каже што е работата“, рече мајката на Ивана.

Мајката истакна дека Ивана постојано стравувала дека ќе ѝ биде одземена ќерката и дека живеела под контрола, редовно известувајќи каде се наоѓа. Дел од информациите за насилството, како што рече, ги дознавала и од малолетната внука.

Сведокот посочи дека стравот кај Ивана бил присутен до последните денови, опишувајќи и настан непосредно пред Нова година, кога ќерка ѝ, видно вознемирена, ја замолила да си замине од пред зградата поради страв од сопругот.

„Сега пред Нова Година, јас направив за мојата внука благи работи и салата што ја сака ќерка ми, некои работи што ѝ останаа во станот, зедов такси и им однесов до пред нивната зграда. Дојдов пред зграда, ќерка ми ме чекаше, таксистот ми помогна да ги изнесеме работите, ќерка ми се тресеше и викаше „мамо бегај, ќе дојде сега Стојанче и мамо те молам бегај да не ти направи нешто“, набрзина ѝ дадов и тргнав накај автобуска и слушнав глас од Стојанче, едно хистерично викање, мислам дека тогаш доколку останев, може требаше да останам, насочено кон мене, исплашена бев заради моето дете да не му направи нешто. После Ивана ми кажа дека тие работи што ги направив, благи работи и салата ги фрлил во контејнер“, рече мајката на сега починатата Ивана.

Судењето против Стојанче Јовановски продолжува со изведување докази, откако Судот не го прифати неговото делумно признание на вина, оценувајќи дека не е дадено доброволно. Обвинетиот претходно призна вина за телесна повреда и загрозување на сигурноста, но негираше одговорност за наведување на самоубиство.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни