Македонија

Бојчевиќ: Исказот на Јовановски е за избегнување одговорност – судењето продолжува со изведување докази

Бојчевиќ: Исказот на Јовановски е за избегнување одговорност – судењето продолжува со изведување докази

Обвинителката Адела Бојчевиќ по денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје изјави дека исказот на обвинетиот Стојанче Јовановски не ги исполнува законските услови за признание на вина, поради што судот не го прифатил и постапката продолжила со изведување докази.

Таа појасни дека, според Законот за кривичната постапка, признанието мора да биде доброволно, јасно и без присила, што во конкретниот случај не било исполнето.

– Ова не е признание на вина во правна смисла. Поради тоа судот не го зема предвид и продолживме со доказна постапка – рече Бојчевиќ.

Обвинителката нагласи дека предметот го води од самиот почеток и дека обвинението се темели на обемен доказен материјал, собран веднаш по настанот. Таа додаде дека во текот на судењето ќе бидат изведени повеќе докази, а како сведок ќе биде повикан и Мартин Саздов.

Во однос на одбраната на обвинетиот, Бојчевиќ оцени дека станува збор за обид за избегнување на кривична одговорност, но потенцира дека конечната оценка ќе произлезе од доказите.

Адвокатката на оштетените, Неда Чаловска, изјави дека очекува обвинението да биде прифатено во целост, посочувајќи дека и во други држави постојат случаи каде сторители на семејно насилство се гонат кога жртвата извршила самоубиство, што во поширок контекст се поврзува со поимот фемицид.

Судењето се води за трагедијата од 2 март, кога сопругата на обвинетиот, Ивана Јовановска, го загуби животот заедно со нивната шестгодишна ќерка.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни