Со силни емоции, солзи и шокантни детали за последните минути од животот на Ивана Стојаноска и нејзината шестгодишна ќерка Катја, продолжи судењето против Стојанче Јовановски во Кривичниот суд во Скопје.
Сведокот Мартин Саздов, кој бил присутен во моментите пред трагедијата на 2 март, кога мајката и детето скокнале од балкон во скопската населба Тафталиџе, денеска сведочеше за настаните што, како што рече, никогаш нема да ги заборави. Во текот на исказот, тој неколкупати заплака, му се слоши и повраќаше во судницата.
Според обвинението, Јовановски се товари за загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.
Саздов раскажа дека бил пријател и со Ивана и со обвинетиот, негов колега од Пожарната бригада, но односите се влошиле откако дознал за нивни приватни конфликти.
ПОСЛЕДНИТЕ ЧАСОВИ ПРЕД ТРАГЕДИЈАТА
Одговарајќи на прашање од обвинителката Адела Бојчевиќ за тоа што се случувало непосредно пред трагедијата, сведокот детално ги опиша настаните.
„Ивана сакаше да ја земе Катја од школо. Во кола ја вреѓаше пред детето: ’Курво една ќе видиш што ќе ти направам јас тебе! Да се губиш од станот!’ Се преправав дека зборам на мобилен, само за да замолчат на момент, да не се караат пред детето. Но тој ѝ се закануваше дека детето ќе ѝ го земе, како и станот“, кажа Саздов едвај зборувајќи.
По доаѓањето пред зградата, Саздов сакал да се качи со нив во станот, стравувајќи дека може да дојде до ново насилство.
„Стојанче ми рече, ‘паркирај се, одам со курвата, да не ме мести горе сама’. Потоа рече да се качиме сите заедно. Претходно се закануваше и дека ако оди во затвор, ќе искочи и ќе ја убие. Ивана претходно ми кажа дека Стојанче ѝ покажувал и пиштол, поради што таа цело време стравуваше дека ќе ги убие“, сведочеше Саздов.
ДРАМАТА ПРЕД ВРАТАТА
Сведокот раскажа дека додека биле пред станот, ситуацијата била крајно напната.
„Ја отклучија вратата од станот, јас стоев пред врата. Стојанче и рече, ‘земи си курво што ти треба и губи се’. Ивана рече, ‘во ред, излези, Катја да си одбере во ранчето што да си земе’. Тој сакаше пак да ја удри. Катја ја држеше за ногата мајка си, за да ја спаси. Јас го спречив, му реков полека, ќе провериме што зеле“, кажуваше Саздов плачејќи.
Ивана побарала кратко време да се подготви.
„Дајте ми само пет минути“, рекла Ивана.
По неколку минути ја отворила вратата и рекла:
„Јас не сакам да си отидам од станов. Остајте не да се наспиеме со Катја, да се одмориме“, плачејќи сведочеше Саздов.
ЗАКАНИ И ПОСЛЕДЕН РАЗГОВОР
И покрај тоа, заканите продолжиле.
„Му реков на Стојанче ајде да се симнеме доле. Тој пак ѝ викна: ‘Курво пак ми правиш курвински работи, ќе ја сменам бравата! Ќе ти го земам станот и ќе ја земам Катја. К*р ќе ти го дадам дарот’. Ивана се насмевна: ‘Прави што сакаш’, му рече. Ја затвори вратата и заклучи“, рече сведокот.
Откако се симнале пред зградата, Саздов почнал да се сомнева дека нешто може да се случи.
„Го прашав: ‘Да не направи нешто Ивана?’. Ми рече: ‘Не, таа к*рва не се убива, не умира’“, сведочеше тој.
ФАТАЛНИОТ МОМЕНТ
Набргу потоа следувал повикот што, според сведокот, бил клучен.
„Ивана му заѕвони на Стојанче. Тој рече дека не ја разбрал. Јас се сомневам дека му кажала што ќе направи. Тој го стави телефонот во џеб и не ѝ креваше. Таа ми се јави мене и ми рече: ‘Нека ми се јави Стојанче на камера’“, раскажа Саздов.
Кога повторно се воспоставил видео повик, сведокот ја видел сцената што засекогаш ќе му остане во сеќавање.
„Зирнав на екранот. Видов како стои со Катја на терасата. Само викнав: ‘Ивана, немој да си направила глупост!’ Се слушна силен тресок“, рече Саздов.
ПОСЛЕДИЦИТЕ
Тој веднаш се стрчал кон местото на настанот.
„Откако ја видов Ивана во крв, се стрчав да не е Катја горе, ми текна дека заклучи. Ја видов Катја до неа. Викав за брза помош, не знаев што да направам“, сведочеше низ солзи.
Додаде дека обвинетиот не се упатил кон нив.
„Стојанче не отиде накај Ивана и Катја. Отрча накај главната улица. Тоа беше“, кажа Саздов.
На ова, од место реагирал обвинетиот:
„Јас истрчав да барам помош, немав храброст да ги видам“.
СУДЕЊЕТО ПРОДОЛЖУВА
Судењето продолжува утре, кога се очекува да сведочат и лица од училиштето каде учела Катја. Според најавите, тие треба да дадат искази за тоа како детето зборувало за однесувањето на својот татко и насилството врз мајката.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста и отвори сериозни прашања за институционалната заштита од семејно насилство.