Небото над грчкиот остров Крит доби необична портокалово-црвена нијанса, откако густ облак од сахарска прашина пристигна од африканскиот континент, создавајќи драматични сцени и сериозни нарушувања во секојдневието.
Силните јужни ветрови донесоа големи количества прашина од Сахара, која го прекри островот со задушлива магла, значително намалувајќи ја видливоста и создавајќи проблеми во сообраќајот, особено во авијацијата.
Најголеми последици беа забележани на аеродромот во Ираклион, каде што дел од летовите биле пренасочени поради опасно ниската видливост – околу 1.000 метри, што се смета за небезбедно за слетување. Состојбата предизвика доцнења и нарушување на редовниот авионски сообраќај.
Покрај прашината, регионот беше погоден и од силно невреме. Во крајбрежната област Пахија Амос, торнадо превртел камион кој се подготвувал за транспорт на земјоделски производи.
Невремето предизвикало и дополнителни штети – искорнати дрвја, оштетени пластеници и уривање на дел од ѕид во фабрика за керамика. Локалните власти апелираат на внимателност, додека временските услови постепено се стабилизираат.
Овој редок спој на сахарска прашина и екстремни временски појави повторно ја отвори дебатата за влијанието на климатските промени врз регионот и зачестеноста на ваквите појави.