Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, се подготвува да воведе царини од 100 отсто на одредени лекови со цел да ги поттикне фармацевтските компании да го зголемат производството во САД, пренесува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Како што се наведува, царините би се применувале на компании кои не постигнале договор со Белата куќа.
Царините за увоз од земји кои имаат склучено трговски договори со Белата куќа исто така би биле ограничени во согласност со условите од тие договори, велат изворите.
Царините произлегуваат од заканите што Трамп ги изнесе минатата есен, кога најави дека ќе воведе 100-процентни давачки за увоз на брендирани или патентирани лекови, освен ако производителите не изградат фабрики во САД.
„Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Ново Нордиск“ се меѓу компаниите кои постигнале договори со администрацијата на Трамп за зголемување на инвестициите во САД и намалување на цените на лековите, во замена за одложување на царините, пренесува Танјуг.
Минатата година, САД се согласија да ги ограничат царините за лекови од Европската Унија на 15 отсто, како дел од договор постигнат со блокот во Тернбери, Шкотска.
Велика Британија исто така постигна договор со САД за намалување на царините за своите лекови на период од три години, во замена за зголемување на трошоците на Националната здравствена служба (NHS) за лекови.