Македонија

Ветерот направи хаос во Битола – три лица повредени, паднати дрвја и бандери

Ветерот направи хаос во Битола – три лица повредени, паднати дрвја и бандери

Три лица, меѓу кои две малолетни девојчиња, се повредени откако силниот ветер урнал стаклен излог од објектот на Одделението за водење матични книги во центарот на Битола. Меѓу повредените е и една повозрасна жена.

Двете девојчиња биле пренесени со Брза помош во Клиничката болница во Битола. Кај едното биле констатирани посекотини на рацете и скршеница на глуждот, здобиена при обид да избега од конструкцијата што паѓала, додека другото девојче се здобило со посекотина на лицето.

Според информациите од здравствените служби, повредените се надвор од животна опасност и се пуштени на домашно лекување.

По несреќата, металната конструкција и искршените стаклени делови биле отстранети, а надлежните служби работеле на расчистување на просторот.

Таткото на едно од повредените девојчиња најавил дека ќе поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи и до надлежните институции, барајќи да се утврдат причините за несреќата и евентуалната одговорност.

Силниот ветер предизвикал и други проблеми во Битола и околината. Според Центарот за управување со кризи, на единствениот број за итни случаи 112 пристигнале повеќе пријави за паднати дрвја и електрични столбови. Пријавени биле и случаи на дрвја паднати врз електрични кабли, како и врз автомобил во движење.

Пожарникарите интервенирале и во селото Лавци, каде избувнал пожар во помошен објект во близина на шума, додека екипите на ЈКП „Комуналец“ биле ангажирани на расчистување на последиците од невремето.

Според метеоролошките податоци, ветерот во Битола достигнал брзина од 53 километри на час, додека најсилните удари биле измерени во Тополчани, каде достигнале 86 километри на час.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при движење на отворено и да избегнуваат паркирање возила во близина на дрвја и нестабилни конструкции додека трае силниот ветер.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни