Свет

Аксиос: Иранците соборија американски Ф-15

Аксиос: Иранците соборија американски Ф-15

Иран соборил американски борбен авион, а во тек е операција за пребарување и спасување на двајца членови на екипажот, објави „Аксиос“, повикувајќи се на извор запознаен со инцидентот и на иранските државни медиуми.

Доколку информациите се потврдат, тоа би бил првиот американски авион соборен со непријателски оган од почетокот на војната. Американската војска и Белата куќа засега не ги коментираа овие наводи.

Иранските државни медиуми претходно денеска објавија фотографии и видеоснимки на кои наводно се гледаат делови од собореното летало, како и едно од катапултските седишта. Според снимките, се претпоставува дека станува збор за борбен авион Ф-15.

На социјалните мрежи се појавија и снимки од американски транспортен авион Ц-130 „Херкулес“ и хеликоптери УХ-60 „Блек Хок“, кои утринава изведуваат операции за борбено пребарување и спасување (CSAR) над јужен Иран, по извештаите за соборен Ф-15Е „Страјк Игл“.

САД сè уште нема официјален коментар за тврдењата на Иран за соборување на американски борбен авион. Сепак, доколку некој од овие авиони навистина е соборен, а пилотот заробен, постои „голем ризик да биде јавно прикажан“ како пропагандна алатка од страна на Иран, вели воениот аналитичар Шон Бел, пренесува „Скај њуз“.

„Секогаш се покренува голема операција за пребарување и спасување кога вакви авиони паѓаат, а тоа е сложена мисија што вклучува хеликоптери, борбени летала, војници и многу други ресурси. Многу луѓе ги ризикуваат своите животи за да го спасат пилотот, бидејќи ако биде заробен, ситуацијата може брзо да излезе од контрола“, изјави тој.

Бел потсети на британскиот пилот Џон Питерс и неговиот навигатор, кои беа заробени од Ирачаните за време на Заливската војна во 1990 година, при што Питерс подоцна беше прикажан на телевизија со видливи повреди.

Тој додава дека доколку американски пилот падне во рацете на иранските власти, тоа би претставувало „голем пропаганден триумф“ за Техеран.

Ф-15 е американски повеќенаменски борбен авион произведен од „Боинг“ (претходно „Мекдонел Даглас“), кој е во оперативна употреба од 1970-тите години. Станува збор за еден од најуспешните ловечки авиони во историјата, познат по големата брзина (над 2,5 Маха), моќниот радар и широкиот борбен радиус.

Основната верзија била развиена како ловец за воздушна надмоќ, но подоцна се појавиле напредни варијанти како Ф-15Е „Страјк Игл“, кој може истовремено да напаѓа цели на земја и да води воздушни борби.

Овој модел е особено значаен бидејќи има двајца членови на екипажот – пилот и офицер за вооружување – напредни системи за прецизни удари и можност за носење голем број бомби и ракети.

За разлика од „стелт“ авионите, Ф-15 не е дизајниран да избегнува радари, туку се потпира на брзината, висината на лет и силното вооружување, што значи дека често учествува во сложени борбени мисии и операции длабоко зад непријателските линии, каде што е изложен на поголем ризик од противвоздушна одбрана.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни