И во 2026 година, полициските службеници во Македонија сè уште евидентираат кривични дела во тефтери и книги. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откри дека во МВР во моментов се користат 36 различни рачни евиденции, а најави дека во следните три до четири месеци се очекуваат значителни промени во начинот на работење.
На брифинг со новинарите, Тошковски посочи дека при пријавување едно кривично дело, полициските службеници честопати мораат истите лични податоци да ги запишуваат во повеќе различни книги, во зависност од природата на случајот.
За да ја долови состојбата, министерот даде пример со пријава за семејно насилство, при која податоците за пријавителот би се внесувале во посебни евиденции за кривично дело, семејно насилство, телесни повреди и присуство на малолетници.
„Во моментот имаме 36 евиденции, односно книги, а претходно биле 70-ина евиденции“, изјави Тошковски, оценувајќи дека ваквиот систем е несоодветен за современото полициско работење.
Тој откри дека кога ја презел функцијата, затекнал систем во кој документацијата се чувала во архивски ормани, а службениците морале рачно да пребаруваат низ книгите за да дојдат до потребните информации.
Според министерот, МВР повеќе од две години работи на дигитализација на полициските процеси, а проектот сега влегува во завршна фаза.
„Сосема е легитимно прашањето што правевте последните две години? Ќе кажам: Работевме на дигитализацијата. И сè уште работиме“, рече Тошковски.
Со новиот систем се предвидува електронско внесување и обработка на податоците, со што треба да се намали административното оптоварување на полициските службеници и да се забрза постапувањето по пријавите.
Тошковски очекува првите конкретни резултати да бидат видливи во наредните три до четири месеци, а целта е МВР во 2027 година да функционира со значително помодерни и поефикасни дигитални решенија.