Апелациониот суд Скопје ја укина првостепената пресуда против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, со што предметот е вратен на повторно постапување пред Основниот кривичен суд Скопје.
Одлуката доаѓа по одржаната јавна седница на 11.03.2026 година, на која судот ги уважи жалбите на Обвинителството за организиран криминал и корупција и на самата обвинета. Според образложението на Апелација, првостепената пресуда се укинува поради суштествени повреди на кривичната постапка. Високиот суд оцени дека во претходната одлука останало нејасно за кои точно дејствија обвинетата е прогласена за виновна, а за кои е ослободена.
Дополнително, судот укажува дека е неопходно прецизно утврдување на висината на противправната имотна корист, што е клучен фактор за правилна правна квалификација на делото. Поради овие пропусти во утврдувањето на фактичката состојба, првостепениот суд ќе треба повторно да го разгледа случајот.
Претходно, во септември минатата година, Лидија Димова беше осудена на две години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, со обврска да ја надомести штетата на Националната агенција во износ од над 22 милиони денари.