Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека се согласил да „ги суспендира бомбардирањата и нападите врз Иран во период од две недели“, под услов Техеран да се согласи целосно да го отвори Ормутскиот теснец.
Трамп претходно му даде рок на Иран до вторник, до 20 часот по време во Вашингтон – или 2 часот наутро по средноевропско време – повторно да го отвори Ормускиот теснец, клучен глобален пат за снабдување со нафта. Во спротивно, тој се закани дека ќе уништи „цела цивилизација“.
Иран прогласи победа
Иран тврди дека извојувал голема победа и ги принудил САД да го прифатат неговиот план од 10 точки, соопшти Врховниот совет за национална безбедност на Иран, објави Си-Ен-Ен.
Како дел од планот, САД наводно се согласиле во принцип да ги укинат сите примарни и секундарни санкции против Иран и да ги повлечат американските борбени сили од сите бази во регионот, се вели во соопштението на советот.
Вашингтон, исто така, наводно се согласил да го прифати збогатувањето на ураниум на Иран и да ја признае контролата на Техеран врз Ормускиот теснец. Преминувањето низ стратешки важниот морски пат би било „во координација со иранските вооружени сили“, додаде тој.
„Непријателот претрпе неоспорен, историски и разорен пораз во својата неправедна, нелегална и криминална војна против иранскиот народ“, се вели во соопштението на советот. „Нашите раце остануваат на чкрапалото и најмалата грешка од страна на непријателот ќе биде одговорена со полна сила“, предупреди тој.
Еве ги 10-те точки:
Заклетва за ненапаѓање
Продолжување на иранската контрола врз Ормутскиот теснец
Прифаќање на збогатувањето на ураниум
Укинување на сите примарни санкции
Укинување на сите секундарни санкции
Укинување на сите резолуции на Советот за безбедност на ОН
Укинување на сите резолуции на Одборот на гувернери
Исплата на компензација на Иран
Повлекување на американските борбени сили од регионот
Прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и против Хезболах во Либан