Вредно археолошко откритие е регистрирано на локалитетот Пеленица кај Драчево, каде што археолозите откриле доцноантички полихромен мозаик. Со ова откритие, по речиси девет децении се потврдени сознанијата за неговото постоење.
Истражувањата ги спроведува Националниот археолошки музеј, а покрај мозаикот, пронајдени се и керамички материјал и монета кои потекнуваат од истиот историски период.
Проектот е финансиски поддржан од Општина Кисела Вода, во соработка со Конзерваторскиот центар – Скопје и црквата „Св. Спас“ во Драчево.
Археолошките активности ќе продолжат со геофизички испитувања во дворот на манастирскиот комплекс. Од наредната година се планира да започнат и конзерваторски активности со цел заштита на откриениот мозаик.
Конечните резултати од истражувањата треба да откријат повеќе детали за неговите димензии, како и за архитектонскиот комплекс на кој му припаѓал.