Деценискиот проблем со слободното движење на добитокот во Крива Паланка повторно ја зовре јавноста, откако градоначалникот Сашко Митовски во емисијата Ноќно студио на 4ТВ упати директни обвинувања кон Агенција за храна и ветеринарство, оценувајќи дека институцијата со години дозволува проблемот да остане нерешен.
Според Митовски, кравите што секојдневно се движат низ градот, уништуваат насади, паркови и урбана опрема, се симбол на нефункционалноста на системот.
„Да не беше смешно, ќе беше трагично. Проблемот трае повеќе од десет години, а последните две години сме сведоци на тотална игноранција од надлежните институции“, изјави Митовски.
Решенија има, но остануваат во фиока
Градоначалникот тврди дека уште од април 2024 година постои правосилно решение за отстранување на добитокот, но дека на терен речиси ништо не се спроведува.
Според него, досега биле заловени околу 90 грла, додека реалниот број на добиток што слободно се движи низ регионот надминува 780.
„Имаме решение на хартија, а кравите и понатаму се на улица“, рече Митовски.
Тој посочи дека Општината секоја година троши значителни средства за обновување на уништените зелени површини и јавни простори, кои повторно се оштетуваат за само неколку дена.
„Граѓаните не ги интересира кој е надлежен“
Митовски порача дека жителите на Крива Паланка се оправдано револтирани и дека институциите не смеат да се кријат зад административни оправдувања.
„Граѓаните не треба да имаат разбирање за нашите изговори. Тие ни ја дале довербата за да решаваме проблеми, а не да се препукуваме кој е надлежен“, истакна градоначалникот.
Тој откри дека иако Општината нема директна законска надлежност за ветеринарните постапки, понудила целосна логистичка и техничка помош за акциите на терен.
„Ние понудивме ресурси и поддршка, а за возврат добивме медиумски напади и политиканство“, рече Митовски.
Следуваат претставки до Антикорупциска и Инспекторат
Поради сомнеж дека институциите свесно не постапуваат, Општина Крива Паланка најави претставки до Државна комисија за спречување на корупцијата и до Државен управен инспекторат.
Според Митовски, ќе се бара да се утврди зошто решението не се спроведува и дали постојат коруптивни елементи или институционален молк.
„Не може државата да носи решенија што никој не ги почитува. Така испраќаме порака дека законите важат само на хартија“, нагласи тој.
„Проблемот може да се реши за една недела“
И покрај критиките, Митовски тврди дека решение постои и дека е потребна само координирана акција меѓу АХВ, Општината и Министерство за внатрешни работи.
„Најодговорно тврдам – ако сите институции излезат на терен со искрена намера, овој проблем може да се реши за не повеќе од седум дена“, порача градоначалникот.
Додека институциите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста, жителите на Крива Паланка и понатаму секојдневно пријавуваат штети и бараат конечно решавање на проблемот што со години го нарушува нивното секојдневие.