Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 10 возачи за безобѕирно управување возило, од кои шест возеле без дозвола (тројца малолетници), а по двајца со активна забрана и под дејство на алкохол.
Двајца возачи во Скопје (еден малолетник), и по еден во Тетово (малолетник), Гостивар, Велес (малолетник) и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Возачот во Делчево учествувал и во сообраќајна незода со возилото кое го управувал, по што било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,89 промили алкохол во крвта. По еден возач во Скопје и Кичево управувале возило со активна забрана, а по еден возач во Скопје и Велес управувале возило под дејство на алкохол. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.