Еден од најтешките и најпотресни кривични случаи во поновата македонска историја денеска повторно се најде пред судските органи, откако Апелацискиот суд во Скопје ги разгледува жалбите за пресудата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Жалби до второстепениот суд поднеле одбраната на осудените лица, но и Основното јавно обвинителство, кое ја оспорува ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.
Кривичниот суд во Скопје во јуни минатата година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор, откако беа прогласени за виновни за грабнување и свирепо убиство на Вања и Панче.
Во истата постапка, Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинение поради недостиг на докази.
Според обвинението, киднапирањето на 14-годишната Вања било организирано со цел изнуда на пари од нејзиното семејство, додека Панче Жежовски бил грабнат за да биде искористено неговото возило во спроведувањето на планот.
Двата случаи ја потресоа јавноста кон крајот на ноември 2023 година, кога Вања и Панче беа пријавени за исчезнати. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември во близина на Скопје и Велес.
Одлуката на Апелацискиот суд се очекува по разгледувањето на сите наводи во поднесените жалби.