Општина Аеродром изрече висока парична казна по вонреден инспекциски надзор спроведен во Долно Лисиче, на локацијата позната како „Купишта“, каде што бил затекнат камион што незаконски одлагал градежен отпад.
Според општинските власти, возилото депонирало градежен шут спротивно на Законот за управување со отпад, по што веднаш реагирал општинскиот инспекторат и издал прекршочен платен налог за правното лице.
За утврдениот прекршок, согласно член 130 од законот, е изречена глоба во висина од 20.000 евра во денарска противвредност.
Од Општина Аеродром велат дека контролите на терен ќе продолжат со засилен интензитет и дека нема да се толерираат активности кои ја загрозуваат животната средина, придонесуваат за загадување или создавање диви депонии.
„Апелираме до сите граѓани и компании совесно да постапуваат со отпадот и да ги почитуваат законските прописи. За секое несовесно однесување ќе следуваат санкции“, стои во соопштението.