Македонија

Јакимовски: Новинарството ме научи да мислам и да зборувам истовремено, тоа ми е клучот во политиката

Јакимовски: Новинарството ме научи да мислам и да зборувам истовремено, тоа ми е клучот во политиката

Екс-градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, отворено говореше за својот професионален пат, откривајќи помалку познати детали за неговата новинарска кариера во „Радио Скопје“ и како тоа искуство му помогнало да стане вешт политичар.

Иако во јавноста е познат пред сè како политичар, Јакимовски се потсети на почетоците во спортската редакција на Радио Скопје. Под менторство на легендарниот уредник Аце Стиков, тој ги совладувал вештините на јавното говорење.

„Најмногу ми помогна вежбањето. Стиков не тераше додека се возиме во автобус или одиме пешки, во себе да го коментираме сè она што го гледаме околу нас. Така се вежба мозокот – во исто време и да мислиш и да зборуваш. Тоа е исклучително тешко“, истакна Јакимовски.

Тој признава дека на почетокот се соочувал со јазични бариери и трема, но дека работата во Радио Скопје му овозможила „дополнително описменување“ кое денес му помага при пишувањето колумни и во елоквентноста пред камерите.

Јакимовски откри дека новинарската кариера ја продолжил во информативно-политичката програма каде уредници му биле Ангелко Степановски и познатиот новинар Ацо Чомовски. Сепак, неговиот пат се менува кога добива понуда да влезе во претседателството на младината на Југославија.

„Тоа беше голем предизвик и така практично влегов во политичките води“, објасни тој.

Во текот на разговорот, водителот истакна дека се обиделе да стапат во контакт со актуелниот градоначалник на Карпош за соочување, но не успеале. Јакимовски додаде дека ова не е изолиран случај и дека слуша поплаки од многу новинари за затвореноста на актуелното раководство на општината.

„Имам поплака од многу новинари дека во изминативе шест месеци никој не може да дојде во контакт со него“, прокоментира Јакимовски во контекст на транспарентноста на функционерите.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни