Лидерот на ГРОМ и поранешен градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, за првпат подетално проговори за одлуката на Стејт департментот да го стави на својата „црна листа“. Тој тврди дека овој потег бил политички мотивиран и направен за потребите на тогашната власт пред изборите.
Јакимовски изрази чудење за ваквата одлука, посочувајќи дека неговата комуникација со Американската амбасада во Скопје била редовна и пријателска.
„Релациите со американската амбасада беа најнормални. Секогаш бев канет на нивните настапи. Дури на крајот на септември, јас и уште десетина градоначалници бевме повикани во амбасадата на разговор за одредени политики визави нивните главни трговски и политички конкуренти. Ништо не навестуваше ваков исход“, открива Јакимовски.
Според него, одлуката за негово санкционирање била „наменска реч“ изречена во пресрет на претседателските избори за да и се помогне на тогашната владејачка гарнитура. Тој нагласи дека ниту една домашна институција немала информации за вакво нешто.
„Ниту нашето разузнавање, ниту Агенцијата за национална безбедност (АНБ), ниту претседателот или премиерот имаа какви било информации дека сум под истрага или дека сум ‘заслужил’ место на таа листа.“, вели Јакимовски.
Јакимовски смета дека листата е искористена како алатка за елиминација на политички противници кои не се вклопувале во зацртаните планови на власта.
Јакимовски со особена горчина го коментираше фактот што се најде на иста листа со поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, чие име исто така беше додадено на санкциите.
„За мене како човек е крајно навредливо да бидам во ист кош со Катица Јанева. Таа доби алатка, овластување и доверба од светот да решава ситуации во Македонија, а на крајот се избрука себеси, ја избрука институцијата и целата меѓународна заедница со своите коруптивни дејствија. Да се споредува мојата работа со нејзиниот случај е апсурдно“, дециден е Јакимовски.
Тој заклучи дека квалитетот на таа листа најдобро се гледа преку имињата кои се наоѓаат на неа, алудирајќи дека таа повеќе служи за политичко дисциплинирање отколку за реална борба против корупцијата.