Македонија

Јакимовски со критика за Ѓорѓиевски: Една тревка да мрднат, веднаш оди со реклама на телевизија, Луна паркот „ветено чудо“, децата пораснаа чекајќи го!

Јакимовски со критика за Ѓорѓиевски: Една тревка да мрднат, веднаш оди со реклама на телевизија, Луна паркот „ветено чудо“, децата пораснаа чекајќи го!

Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во гостувањето на „4ТВ“ упати серија забелешки за начинот на кој се управува со главниот град по промената на локалната власт. Според него, Скопје сè уште страда од нефункционалност на јавните претпријатија, додека реалните проблеми се покриваат со висок степен на популизам.

Јакимовски смета дека споредбите на новиот градоначалник со Данела Арсовска се погрешни и дека вистинскиот репер за успешност треба да бидат поранешните градоначалници како Ристо Пенов или Коце Трајановски.

„Не се прави споредба со Данела. Споредба се прави со Пенов или Трајановски. Ова што сега го гледаме е истата политика како и на централно ниво – чист популизам. Една тревка да мрднат, веднаш оди со реклама на телевизија. Ве прашувам вас: имате ли чувство дека за 72 часа Скопје навистина се исчисти? Дека е окосено? Напротив, гледаме прилози за змии и влекачи низ градот“, дециден е Јакимовски.

Особено остар беше Јакимовски во однос на најавите за изградба на забавниот парк во Скопје, проект кој се провлекува низ мандатите на неколку претходни градоначалници.

„Ова е веќе петти мандат како се најавува Луна паркот. Поминаа два мандата на Коце, еден на Шилегов, мандатот на Данела и сега ова е петти пат како децата во Македонија слушаат дека ќе добијат Луна парк. Тие деца веќе пораснаа чекајќи го тоа чудо.“, вели Јакимовски.

Тој нагласи дека изградбата на овој парк не е некакво „големо достигнување“, туку обврска и долг кон граѓаните на цела Македонија, а не само на Скопје, бидејќи државата воопшто нема таков забавен центар.

Јакимовски заклучи дека и покрај помпезните најави за „чистка“ и ред во градот, во суштина ништо не е подобрено во функционирањето на јавните претпријатија. Според него, граѓаните сè уште не го чувствуваат ветениот пресврт во локалниот сервис, туку се сведоци на добро спакуван ПР кој не соодветствува со реалната состојба на терен.

„Ајде да го видиме и тоа чудо“, иронично порача Јакимовски во однос на најавените проекти, нагласувајќи дека на Скопје му треба работа, а не само рекламни прилози.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни