Македонија

Филков: Одлуката за мазутот е удар врз правдата, Советот на обвинители да побара одговорност од Абази

Филков: Одлуката за мазутот е удар врз правдата, Советот на обвинители да побара одговорност од Абази

„Очекувам итно преиспитување на одлуката и јасни одговори од Обвинителството врз основа на кои факти е затворен предмет за милионски криминал“, реагира министерот за правда.

Стопирањето на истрагата за набавката на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ предизвика остра реакција кај првиот човек на ресорот правда, Игор Филков. Според него, ваквиот потег на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) директно ја поткопува довербата на јавноста, која очекуваше одговори за сомнежите за енормни злоупотреби.

Министерот Филков смета дека затворањето на овој предмет, без целосно расчистување на сомнежите за криминал тежок милиони евра, испраќа погрешна порака до граѓаните.

„Во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница. Ова е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем“, дециден е Филков.

Во својата реакција, министерот не само што побара транспарентност, туку и директно повика на одговорност од врвот на Обвинителството.

„Очекувам Советот на јавни обвинители и надлежните институции да отворат прашање за одговорноста на Ислам Абази, затоа што ваквите одлуки директно ја рушат довербата во правосудниот систем“, нагласува министерот во својата писмена реакција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни