Деветтоодделенецот кој вчера беше прободен со нож во основното училиште „22 Ноември“ во Скопје е во стабилна состојба, но и понатаму останува под постојан лекарски надзор. Од Ургентниот центар информираат дека во лекувањето се вклучени хирурзи од повеќе оддели и дека се преземаат сите мерки за подобрување на неговата состојба.
За малолетникот кој го изврши нападот, од Обвинителството соопштија дека постапува јавен обвинител од Одделението за малолетници, согласно Законот за правда за децата.
Од Општина Гази Баба најавија итна седница со директорите на училиштата и министерката за образование, со цел да се донесат мерки за спречување на вакви случаи во иднина.
Министерката за образование Весна Јаневска најави можни законски измени со кои би се вовела и одговорност за родителите на деца сторители на насилство во училиштата.
Случајот повторно го отвори прашањето за безбедноста во училиштата и ефикасноста на механизмите за спречување на врсничко насилство.