Македонија

Митева: Македонија е вечен пиреј, младите се нашата најголема сила

Митева: Македонија е вечен пиреј, младите се нашата најголема сила

Во најновото гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, портпаролката на Владата, Марија Митева, низ емотивен говор и силни метафори ја опиша својата визија за татковината, ставајќи посебен акцент на младите како најважен столб за иднината на државата.

Запрашана што за неа претставува Македонија, Митева со поетски речник ги долови своите чувства, поврзувајќи ги со македонската книжевна традиција и националниот идентитет.

„Македонија за мене е најголема љубов, татковина и сила по секој пораз. Таа е како вечен пиреј и нешто што е бесконечно. Не би можела со други зборови подолго да опишам што значи таа за мене. Ова е наша заедничка татковина и сè што треба да правиме е да градиме подобра иднина“, истакна Митева.

Таа порача дека времето на чекање „идеален момент“ за реформи е завршено и дека државата мора континуирано да се развива, особено во здравството, образованието и политиките за задржување на младите.

„Не смееме да се задоволиме со статус-кво. Мора да гледаме напред и да се развиваме во сите сектори“, рече Митева.

Според неа, образованието останува еден од клучните столбови на владината програма, во кој се насочени значителни ресурси и институционален ангажман.

Говорејќи за иселувањето на младите, Митева оцени дека решението не лежи само во декларативната ориентација кон Европската Унија, туку во примената на европските вредности дома.

„Зборуваме многу за ЕУ, но клучот е како тие европски вредности да ги имаме тука, дома. Европската Унија без тие вредности не би била тоа што е. Младите се сериозен потенцијал и јас верувам дека имаме капацитет заеднички да ја градиме државата“, заклучи таа.

На крајот од интервјуто, Марија Митева уште еднаш нагласи дека претстојното одбележување на 35-годишнината од независноста претставува можност светот да ја види македонската култура, историја и идентитет во најдобро светло.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни