Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ реагира на, како што велат, повторните политички најави за ограничување или целосно затворање на легалните објекти за игри на среќа, оценувајќи дека ваквите предлози претставуваат сериозна закана за илјадници работни места во државата.
Од здружението посочуваат дека игрите на среќа редовно стануваат тема во предизборни периоди, при што, според нив, дел од политичките партии настапуваат со „популистички и радикални предлози“ за дислокација, ограничување или целосно затворање на легалниот сектор, без притоа да се земат предвид економските последици.
„Никој од предлагачите не покажува подготвеност да преземе одговорност за последиците кои би настанале со затворање на овој легален економски сектор“, наведуваат од здружението, додавајќи дека ваквите политики би можеле да доведат до појава на сива економија и нелегални објекти за игри на среќа.
Реакцијата, како што се наведува, е поттикната од најавите дека политичката партија „Левица“ ќе предложи затворање на легалните објекти за организирање игри на среќа на територијата на државата, со исклучок на граничните премини.
Од „Сакам да работам“ оценуваат дека ваквите предлози се спротивни на интересите на вработените во секторот и дека директно би погодиле најмалку 10 илјади лица кои работат во индустријата. Според нив, индиректно од овој сектор зависат дополнителни десетици илјади работни места.
Тие додаваат дека индустријата за игри на среќа е значаен економски фактор во земјата и учествува со значителни средства во државниот буџет, како и дека дел од тие приходи се користат за јавни расходи.
Здружението најавува дека ќе продолжи да се спротивставува на, како што велат, политичкиот популизам преку демократски средства, нагласувајќи дека решенијата треба да се бараат во регулирање на секторот, а не во негово затворање.
„Ние сме подготвени со сите демократски средства да се бориме против голиот политички популизам“, стои во реакцијата, во која се наведува и дека негативните кампањи против легалните игри на среќа не произлегуваат од грижа за младите, туку од други интереси.
Од здружението заклучуваат дека забраната би можела да доведе до враќање на нелегалното организирање игри на среќа, како што, според нив, било случај во минатото.