Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ги претстави деталите од новиот Закон против корупција, за нулта толеранција кон корупцијата и целосна дигитална транспарентност.
Филипче посочи дека во новиот Закон за антикорупција е предвидена засилена соработка со Европското јавно обвинителство.
„Полна имплементација и проширување на соработката со Европското јавно обвинителство“, рече Филипче, додавајќи дека ќе има „директна размена на информации, заеднички истражни тимови и техничка поддршка од Европа“.
Тој појасни дека европските институции ќе бидат вклучени во истраги за висока корупција.
„Високата корупција, министри, пратеници, големи тендери со огромни суми на народни пари, ќе можат да ги истражуваат и европските обвинители“, рече Филипче.
Во однос на финансирањето, тој посочи дека ќе се користат европски и домашни извори.
„Финансирањето, еден дел, ќе се спроведе преку ИПА фондовите на ЕУ, плус буџетот на јавното обвинителство“, рече Филипче.
Тој најави и формирање на национална антикорупциска дирекција.
„Основање на Национална антикорупцијска дирекција, НАД, надлежност за сите, од премиер до градоначалник до најситен функционер на локално ниво“, истакна тој, додавајќи дека институцијата ќе има „сопствен буџет и сопствени истражители“.
Филипче посочи и целосна дигитализација на јавните набавки и услуги.
„Целосна дигитализација на јавните набавки, тендери и услуги, преку онлајн апликација и една национална дигитална платформа која ќе се темели на блокчејн технологија“, рече тој.
Тој најави и задолжителна електронска имотна декларација и строга контрола.
„Лажна или нецелосна декларација ќе биде предмет на кривична одговорност“, рече Филипче.
Како дел од мерките, најави и заштита и награда за укажувачи на корупција.
„Петта точка, заштита и награда за свиркач, 5 до 15% од вратените пари“, истакна тој.
Тој додаде дека ќе се воспостави и јавен регистар на лица осудени за корупција.
„Секој осуден за корупција трајно се забранува да врши јавна функција“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека овие мерки се дел од поширока програма со четири столба: нулта толеранција за корупција, младите, животниот стандард и земјоделството.
„Нашата заедничка програма, Фронт за вистина и правда, има четири главни столбови: нулта толеранција за корупција и европска правда, иднина за младите, достоинствен живот за сите и силно село и земјоделци“, рече Филипче.