Предвремено родено бебе починало на 21 април на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, објави Инфомакс. Бебето било родено на 6 април 2026 година, во седмиот месец од бременоста.
Од семејството за Инфомакс изјавиле дека бебето било родено предвремено, но според нивните информации било во добра состојба во првите денови.
„Бебето беше предвремено беше родено, во седми месец, но здраво, со функционалност на сите органи. Првите пет дена си беше супер, барем така ни кажуваа, после петтиот ден почнаа да се комплицираат работите, бебето беше пренесено во изолација, не ни кажуваа каков тип на инфекција е, после тоа ни кажаа дека е сепса“, рекле од семејството за Инфомакс.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство за Инфомакс посочиле дека новороденчето било родено со инфекција, а точните причини за смртта ќе бидат познати по завршување на обдукцијата.
„Станува збор за предвреме родено новороденче, родено во 28 гестациска недела со телесна тежина од 930 грама. По самото раѓање на бебето се утврдени знаци постоење на извесна инфекција која ја има развиено интраутерино што најчесто е случај кај предвреме родените деца“, информирале од ГАК за Инфомакс.
Од таму додаваат дека кај бебето била земена хемокултура и бил добиен негативен резултат, поради што, како што велат, институцијата немала обврска да пријавува во ДСЗИ.
„За време на целото лекување со новороденчето е постапувано по сите протоколи современо лекување на предвремено родено бебе на одделението за интензивна нега и терапија. При прием кај мајката е нотирано дека истата имала нелекувана гинеколошка инфекција“, велат од Клиниката.
Оттаму додаваат дека на 21 април, и покрај вложените напори, настапила смрт кај новороденчето, по што телото било испратено на обдукција.
„Вработените на ГАК жалат за ваквиот исход. И покрај вложениот труд на медицинскиот персонал понекогаш за жал причината за летален исход е посилна од сите терапии“, соопштиле од Клиниката за Инфомакс.
Од семејството порачуваат дека треба да се испита како и поради кои причини кај предвремено родените бебиња доаѓа до тешки инфекции и сепса, како и дали постои начин тоа да се спречи во иднина.