Министерот за правда Игор Филков реагираше на протестите и барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, оценувајќи дека се прават обиди ова прашање да се претвори во политичка и етничка тема.
Филков нагласува дека правосудниот испит не е политичко прашање, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот систем.
„Најостро реагирам на обидот, полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата“, наведува Филков.
Тој додава дека толкувањето на законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација претставува, како што вели, манипулација со јавноста и удар врз уставниот поредок.
Министерот потсетува дека македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на државата и темел на институционалниот и правниот систем.
Според него, чувствителни теми кои се однесуваат на правниот систем не смеат да се користат за политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Филков истакнува дека правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и стандарди, а не според политички притисоци или дневни агенди. Тој посочува дека правото на протест е демократско право, но дека не смее да се користи за уривање на критериумите во правосудството.
Министерството за правда, како што додава, останува отворено за институционален дијалог, но нема да дозволи, како што вели, девалвација на правосудниот систем и улогата на македонскиот јазик во државата.
„Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата“, стои во реакцијата.