И покрај неуспешните преговори со нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Владата најави проширување на мрежата на авиолинии и воведување нови летови од скопскиот и охридскиот аеродром во текот на летната сезона. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека ова лето ќе бидат отворени пет нови дестинации, оценувајќи дека земјава бележи раст во авио-сообраќајот и покрај кризата со која се соочува глобалната авиоиндустрија.
Според него, државата останува подготвена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати услови што би биле на штета на останатите превозници и на државните интереси.
„Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но, не можеме да прифатиме уцени и барања за повисоки субвенции само за една компанија“, изјави Николоски.
Тој најави дека Austrian Airlines ќе воспостави директна линија Виена–Охрид, а во јуни ќе започнат и летови од Краков и Вроцлав кон Охрид. Дополнително, од скопскиот аеродром ќе се воведат две нови летни дестинации – Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија.
Николоски посочи дека Македонија е единствената земја во регионот што отвора нови авиолинии во период кога светската авиоиндустрија се соочува со сериозни предизвици.
Министерот информираше и дека Wizz Air ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, а компанијата разгледува можност и за воспоставување база на охридскиот аеродром.
Во однос на резервите на керозин, Николоски рече дека државата располага со количини над законскиот минимум и дека состојбата е стабилна, додавајќи дека дел од регионалните аеродроми моментално се снабдуваат токму од Македонија.