Свет

SpaceX излегува на берза со проценка од 1,75 трилиони долари

SpaceX излегува на берза со проценка од 1,75 трилиони долари

Светската вселенска компанија на најбогатиот човек на светот планира да собере до 80 милијарди долари, а иницијалната јавна понуда (IPO) е закажана за јуни.

„SpaceX“ во средата го претстави планот за излегување на американскиот пазар на капитал, објавувајќи инвестициски проспект и за првпат подетални податоци за своето работење. Компанијата на Илон Маск, специјализирана за ракети и сателитски системи, на берзата Nasdaq ќе тргува под ознаката SPCX, а излегувањето на берза се очекува на 12 јуни, со проценета вредност од околу 1,75 трилиони долари. Компанијата притоа сака да собере до 80 милијарди долари свеж капитал, пренесува „The Guardian“.

Најпознатиот светски производител на ракети, кој има низа големи договори со американската влада, барањето за иницијална јавна понуда на акции (IPO) го поднел доверливо уште минатиот месец, со што на регулаторите им било овозможено претходно да ја проверат документацијата пред јавната објава на деталите.

„Нашата мисија е да развиеме системи и технологии потребни за создавање на мултипланетарен живот, да ја разбереме вистинската природа на вселената и да ја прошириме светлината на свеста кон ѕвездите“, порачаа од SpaceX во инвестицискиот проспект.

Од своето основање во 2002 година, SpaceX прерасна во највредниот дел од технолошкото царство на Маск. Очекуваното излегување на берза дополнително би можело да го зголеми богатството на најбогатиот човек во светот и да го доближи до статусот на прв светски „трилионер“. Според податоците на Forbes, богатството на Маск моментално се проценува на околу 807 милијарди долари.

Објавените финансиски податоци откриваат и досега помалку познати детали за работењето на компанијата. SpaceX вложува милијарди долари во развој на вештачка интелигенција, додека капиталните инвестиции минатата година надминале 20 милијарди долари. Приходите на компанијата во 2025 година достигнале 18,7 милијарди долари, но во првите три месеци од 2026 е забележана загуба од над 4,2 милијарди долари.

Особено силен е сегментот на интернет-поврзаност, кој ја вклучува сателитската мрежа Starlink. Овој дел од работењето само помеѓу јануари и крајот на март 2026 година остварил повеќе од 3,2 милијарди долари приходи, додека вкупните приходи на Starlink во 2025 година изнесувале 11,4 милијарди долари.

Иако SpaceX со години истакнува планови за колонизација на Марс, фокусот на компанијата во последните години делумно се префрлил на развој на дата-центри во орбитата за поддршка на растот на вештачката интелигенција и на проширување на услугите на Starlink. Компанијата во февруари ја презела и AI компанијата на Маск – xAI.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни