Балкан

Почина хрватската терористка, Пленковиќ се прости од неа

Почина хрватската терористка, Пленковиќ се прости од неа

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изрази сочувство до семејството на починатата Јулијана Бушиќ, сопруга на хрватскиот националист и терорист Звонко Бушиќ, со кого во 1976 година учествувала во киднапирање на американски авион, поради што и двајцата биле осудени на доживотен затвор во САД.

Пленковиќ истакна дека Јулијана Бушиќ својот живот го посветила на борбата за слободата на хрватскиот народ.

„Со жалење ја примив веста за смртта на госпоѓа Јулијана, сопруга на покојниот Звонко Бушиќ“, наведе Пленковиќ во сочувството упатено до семејството и блиските на починатата.

Тој додаде дека Јулијана Бушиќ, како Американка, со својата посветеност на хрватската слобода и независност допрела до многу луѓе во Хрватска и меѓу хрватската дијаспора.

„Таа остана траен симбол на поврзаноста меѓу Хрватска и нејзината иселеница“, стои во пораката на Пленковиќ.

Премиерот потсети и дека по „демократските промени“, Јулијана Бушиќ работела во Канцеларијата на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман, како и дека за својата поврзаност со Хрватска пишувала книги и статии објавувани во хрватски и американски медиуми.

„Ќе ни недостига писателка, есеист и преведувач која искрено ја сакаше Хрватска“, наведе Пленковиќ, пренесуваат хрватските медиуми.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни