Македонија

Андоновски: Македонија отвора амбасада во Литванија, следуваат заеднички проекти во сајбер-безбедноста и дигитализацијата

Андоновски: Македонија отвора амбасада во Литванија, следуваат заеднички проекти во сајбер-безбедноста и дигитализацијата

Македонија ќе отвори своја амбасада во Вилнус, Литванија. Оваа одлука на Владата од минатата недела, која наишла на одличен прием кај литванските партнери, ја соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за време на гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, рефлектирајќи на неговата прва официјална билатерална посета на оваа балтичка земја.

Министерот Андоновски потенцираше дека посетата, организирана во соработка со Литванската канцеларија во Скопје, коинцидирала со неколку клучни политички и економски одлуки, нагласувајќи ја Литванија како важен партнер во НАТО и силен поддржувач на евроинтеграциите на Западен Балкан.

За време на престојот во Вилнус, Андоновски остварил серија продуктивни средби со клучни владини ресори, вклучувајќи ги министрите за економија и иновации, за надворешни работи, како и со министерот за одбрана, кој во Литванија е надлежен токму за секторот на сајбер-безбедноста.

„Посетата ја искористивме за договарање на заеднички проекти во иднина. Литванија има подготвени иницијативи кои сака да ги пренесе кај нас. Дополнително, разговаравме за тоа дека дигитализацијата ќе биде еден од столбовите на литванското претседателство со Сојузот на Европската Унија, кое започнува во јануари 2027 година“, истакна Андоновски.

Како потврда за зајакнатата соработка, министерот откри дека веќе добил и официјална покана да се обрати на најголемиот технолошки самит (тех-самит) што ќе се одржи во Литванија следната година.

Од посетата се очекуваат и директни, опипливи резултати за домашното стопанство и граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни