Македонската оперска и балетска сцена е завиена во тага по веста за смртта на еден од своите најистакнати првенци, баритонот Ристе Велков (1975–2026), кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа.
Од Националната опера и балет соопштија дека станува збор за голема загуба за институцијата и за македонската културна сцена во целина, истакнувајќи дека Велков оставил длабока уметничка трага со своите бројни сценски остварувања и долгогодишна посветеност на операта.
Велков важеше за еден од водечките македонски баритони, познат по својата препознатлива вокална боја и силно сценско присуство. Роден во Скопје во 1975 година, тој своето образование го гради во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а потоа дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, усовршувајќи се кај врвни домашни и странски професори и оперски уметници.
Во својата богата кариера, Велков дебитира уште како студент, а набрзо станува дел од најзначајните оперски продукции во земјата. Настапувал и на меѓународни сцени во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија, како и на бројни фестивали во Македонија, меѓу кои „Охридско лето“, „Мајски оперски вечери“ и „Скопско лето“.
Во текот на својата уметничка кариера, Велков реализира повеќе од 15 главни баритонски улоги во светски познати опери како „Набуко“, „Риголето“, „Травијата“, „Магбет“, „Аида“, „Кармен“ и други, со што се вбројува меѓу најзначајните македонски оперски уметници на својата генерација.
Од Националната опера и балет посочуваат дека неговиот придонес кон македонската музичка уметност ќе остане трајно запаметен, а неговото заминување претставува ненадоместлива загуба.
Изрази на сочувство пристигнуваат од колеги, пријатели и културни институции.