Во период кога СДСМ работи на внатрешна консолидација по изборниот пораз, пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека во моментов приоритет за партијата треба да биде зацврстувањето на единството, а не отворањето дебати за ново лидерство.
Говорејќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски ги отфрли шпекулациите околу можни претседателски амбиции во СДСМ и оцени дека разговорите за кадровски решенија се ненавремени, бидејќи партијата веќе има легитимно раководство.
„Ниту е време да разговараме за претседател на СДСМ. Претседател на СДСМ имаме. Наша прва и основна одговорност – како на претседателот и раководството, така и на сите нас како членови – е да направиме сѐ за да зајакне партијата“, изјави Спасовски.
Тој нагласи дека закрепнувањето на партијата треба да се темели на три клучни сегменти – зајакнување на внатрешното единство, подобрување на организациската поставеност и создавање програмски вредности што граѓаните повторно ќе ги препознаат како политичка алтернатива.
Како еден од поискусните политичари во пратеничката група на СДСМ, Спасовски испрати порака дека внатрешните поделби и личните интереси не смеат да бидат пречка за идниот развој на партијата.
„Јас постојано повторувам дека единството е најважната работа. Нема ништо поважно од единството за успехот на една политичка организација. А тоа единство во пракса значи да се даде можност и да се пружи рака на секого, притоа целосно да се заборават личните суети кои можеби сѐ уште ги има кај одредени поединци во партијата“, заклучи Спасовски.