Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека СДСМ мора искрено и темелно да ги анализира причините за падот на довербата кај граѓаните доколку сака повторно да ја врати нивната поддршка.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски направи осврт на седумгодишното владеење на партијата, посочувајќи дека на изборниот резултат влијаеле повеќе фактори – од кадровската политика, до неисполнетите очекувања за правда и реформи во правосудството.
„Некој ќе рече дека фактор беше коалицискиот партнер (ДУИ), и тоа е точно. Но, мислам дека и самите ние – преку кадровската политика и одредени одлуки кои се носеа – влијаевме на ваквиот исход. Најмногу фалеше правда, поголема реформа во правосудниот систем и поинаков начин на функционирање. Граѓаните го очекуваа тоа по рушењето на претходниот режим, а големите очекувања секогаш резултираат со големи разочарувања“, изјави Спасовски.
Тој упати критики и кон поширокиот политички систем во државата, оценувајќи дека сите партии се соочуваат со проблемот на клиентелизмот, кој, според него, носи краткорочни политички придобивки, но долгорочно создава штета за државата.
Според Спасовски, политичките партии често се фокусираат на решавање индивидуални интереси, вработувања и распределба на функции, додека најголемиот дел од граѓаните очекуваат системски решенија и функционални институции.
„Државата не смее да се насочува кон задоволување на интересите на поединци. Мнозинството граѓани очекуваат крупни политики за доброто на државата – силен систем, функционално правосудство, здрава животна средина, чист воздух и јакнење на демократскиот капацитет на институциите. Системот мора конечно да се стави во функција на народот, а не на партиите“, порача Спасовски.
Како еден од клучните проблеми за неуспехот на реформите, тој го посочи начинот на размислување и пристапот кон промените во општеството.
„Реформата мора да биде прво реформа на умот, реформа на нашето размислување. Ние честопати се споредуваме со Германија, Шведска или Норвешка. Но, таму граѓаните се градат како карактери со високи морални и етички норми, па она што е запишано во нивните закони е само природен производ на нивниот морал. Кај нас ситуацијата е обратна – ние сакаме преку законски текстови да ги наметнеме моралот и етиката на нацијата. Тоа едноставно не е можно“, рече Спасовски.
Тој заклучи дека одговорноста за создавање поинаков општествен амбиент ја има целото општество, но дека најголем товар за промените треба да понесе политичката елита која управува со државата.