Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Оливер Спасовски изјави дека постојат индиции оти освен актуелната министерка за енергетика, и други носители на јавни функции поседуваат бугарски пасоши, но посочи дека не сака да изнесува шпекулации без конкретни докази.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски рече дека според информациите со кои располага, станува збор и за пратеници и министри, но нагласи дека зборува исклучиво врз основа на факти.
„Индиции има и за пратеници и за министри. Но, не би сакал да шпекулирам, бидејќи зборувам само врз основа на факти“, изјави Спасовски.
Тој посочи дека клучното прашање не е кој има двојно државјанство, туку дали државата треба законски да утврди дека носителите на високи функции можат да имаат само македонско државјанство.
„Ако сме за тоа функционерите да имаат само македонско државјанство, тогаш веднаш да донесеме законски решенија и да им кажеме на граѓаните дека од денеска само тие што имаат македонско државјанство ќе можат да служат во високите државни институции“, рече Спасовски.
На прашањето дали и во СДСМ има функционери со странски државјанства, тој одговори дека нема такви информации, но додаде дека не може да ја исклучи таа можност, бидејќи Уставот дозволува поседување повеќе државјанства.
„Уставниот поредок предвидува дека можете да имате повеќе од едно државјанство и тоа е сериозно прашање. Ако сакаме државните функционери да ѝ служат само на Македонија, а не на други интереси, тогаш треба да се отвори таа дебата“, изјави Спасовски.
Тој додаде дека СДСМ и претходно поднесувал законски предлози во оваа насока, но тие не биле прифатени.
„Ние сме подготвени и поднесувавме законски текстови, но беа одбиени. Тие што денес се претставуваат како големи патриоти, ги одбија предлозите според кои функционерите би имале само македонско државјанство“, истакна Спасовски.