Министерството за финансии донесе одлука за одземање на дозволата за работа на едно од поголемите финансиски друштва во земјава, по спроведен вонреден надзор во кој биле утврдени сериозни неправилности и прекршувања на законските прописи. Постапката била иницирана по претставка поднесена од граѓанин.
Според информациите од Министерството, контролата покажала грубо непочитување на законските обврски, како и постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците на финансиски услуги. Надлежните констатирале и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните.
Поради тежината на утврдените прекршоци, во текот на мај било донесено решение со кое на друштвото му се одзема дозволата за работа.
Од Министерството информираат дека и во текот на 2026 година продолжуваат со засилени теренски и вонтеренски контроли во финансискиот сектор. Во досегашните надзори биле утврдени повеќе неправилности, при што од почетокот на годината изречени се 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на констатираните недостатоци.
Паралелно со контролите, се подготвуваат и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва. Целта, како што посочуваат од Министерството, е поголема заштита на потрошувачите, намалување на ризикот од прекумерно задолжување и зголемување на транспарентноста и одговорноста во работењето на друштвата.
Министерството најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со интензивни контроли и ќе ги презема сите законски мерки со цел заштита на граѓаните и спречување на непочитување на прописите.