Свет

Држава со 21.000 жители забрани крема за сончање и на секој турист му наплаќа 100 американски долари

Држава со 21.000 жители забрани крема за сончање и на секој турист му наплаќа 100 американски долари

Палау е архипелаг во западниот Тихи Океан, во регионот Микронезија, кој брои нешто повеќе од 500 острови и околу 21.000 жители. Според Seven Seas Media, оваа држава се издвојува како една од најстрогите во светот кога станува збор за заштита на морската средина.

Островската држава со години спроведува политики кои директно го ограничуваат човековото влијание врз природата, со цел зачувување на коралните гребени, морскиот живот и биодиверзитетот.

Уште во 2009 година, Палау стана првата држава во светот што воведе национално засолниште за ајкули, забранувајќи комерцијален риболов на овие видови. Во 2015 година беше формирано Националното морско заштитено подрачје, со кое околу 80% од економската зона на земјата е ставена под заштита и во неа се забранети комерцијален риболов, рударство и експлоатација на морските ресурси.

Строги еколошки мерки и за туристите

Покрај заштитата на морето, Палау воведе и низа мерки што директно ги засегаат посетителите. Една од нив е „Palau Pledge“ – еколошка заклетва што се втиснува во пасошите на туристите, со која тие се обврзуваат дека ќе ја почитуваат природата за време на престојот.

Дополнително, земјата забрани употреба и продажба на креми за сончање кои содржат супстанции штетни за коралните гребени, како што се оксибензон и октиноксат. Одлуката е донесена по научни истражувања кои покажале дека овие хемикалии ја оштетуваат морската екосистема, особено во чувствителни подрачја како езерото на медузи – една од најпознатите туристички атракции во земјата.

Такса од 100 долари за заштита на природата

Палау воведе и такса за зачувување на природата во износ од 100 американски долари по турист. Оваа такса важи за сите идни посети, а не само за едно патување, со што се поттикнува одржлив туризам и помал притисок врз природните ресурси.

Според властите, целта не е масовен туризам, туку посетители кои ги почитуваат правилата и придонесуваат за долгорочна заштита на екосистемот.

Заштита на морскиот живот

Во водите на Палау живеат повеќе од 1.300 видови риби и околу 700 видови корали. Земјата дополнително има воведено заштита и за други загрозени видови, меѓу кои манти, дугонзи и други ретки морски организми.

Со ваквиот пристап, Палау се позиционира како една од водечките светски дестинации за одржлив туризам и заштита на морската природа, каде економијата е директно поврзана со здравјето на екосистемот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни