Македонија

„И Здравје и Работа“: Македонија мора одговорно да ги користи своите потенцијали за економски развој

„И Здравје и Работа“: Македонија мора одговорно да ги користи своите потенцијали за економски развој

Очигледно, кога недостигаат аргументи – најлесно е да се создава магла. Наместо дебата со факти, дел од таканаречените „еко-активисти“ продолжуваат со кампања на страв, навреди и дискредитации кон секој што ќе се осмели да постави прашање дали Македонија треба да ги користи сопствените природни ресурси. Па дури и кога  прашањето на маса го става највисока научна институција во Македонија – МАНУ. Сега и на академците кои ја работеле Стратегијата за геолошки истражувања и минерални суровини им кажуваат дека не знаат што зборат, (во коментар линк до Стратегијата објавена јавно) , а на медиумите кои ги пренесуваат заклучоците на МАНУ дека не знаат што пишуваат. Храбро, но далеку од разумот! А, дрскоста оди дотаму да и се закануваат на министерката Сања Божиновска со кривична пријава. Тие подобро ги разбираат законите и од судовите и од министрите!?

Јавно се претставуваат како „глас на народот“, а всушност сè повеќе наликуваат на политички активисти чија единствена стратегија е – ако нема аргумент, измисли заговор.

„Рудници не“, ама што потоа? Најлесно е да се каже „не“. Не за рудници. Не за инвестиции. Не за индустрија.

Но, никој не нуди реален одговор на најважното прашање: Како ќе се развива југоистокот на Македонија?

Додека младите си заминуваат, додека цели населени места стареат и се празнат, дел од активистите продаваат романтична приказна дека регионот ќе преживее само од туризам и лозја. Убаво звучи за на Фејсбук статус, но реалноста е многу посурова.

Без нови инвестиции, без индустрија и без економија – нема ниту млади, ниту развој, ниту иднина.

Со години наназад се шири истата матрица – заплашување, апокалиптични сценарија и етикетирање на секој што мисли поинаку.  Наместо научна дебата, слушаме приказни за „отровен воздух“, „масовни труења“, „пустини“ и „катастрофи“, без да се направи разлика помеѓу модерно рударство и практики од минатиот век. Се раскажуваат „хорор приказни“ за цијанид и отрови, а фактот дека цијанид не само што нема да се користи туку е и забранет со Законот за минерални суровини се  игнорира бидејќи им ги урива напорите за ширење страв.

Во меѓувреме, Европа, САД, во регионот Грција и Бугарија работат на отворање на нови рудници, исти како рудникот „Иловица – Штука“, бидејќи знаат дека без нив нема енергетика, батерии, електрични возила и зелена транзиција. Но, само кај нас инвестиции во рудници со капитал од САД, (рудникот за антимон во Крива Паланка) и Канада (рудникот Иловица – Штука)  се држат во заложништво. Доволно си го покажавте вашето анти-НАТО и анти-ЕУ лице напаѓајќи ги инвестициите кои доаѓаат од западноевропски држави, а молчите за оние чие руско сопствеништво е докажано.

Само кај нас секоја дискусија за рударство се претвора во лов на вештерки.

Повеќе од 1.500 луѓе досега се пријавиле за потенцијално вработување во проектот „Иловица-Штука“. Тоа не се „ботови“, „платеници“ или „лобисти“. Тоа се луѓе што сакаат работа, сигурност и перспектива во сопствената држава. И нивниот глас заслужува да се слушне.

Никој не бара слепо да се прифати било каков проект. И ние се заложуваме за отворање на рудникот единствено преку имплементација на највисоки стандарди за заштита на животната средина и користење на најсовремената достапна технологија за експлоатација.

Апелираме до Владата, институциите и општини да не носат одлуки под притисок на гласни групи кои со години ја држат јавноста во страв.  „Иловица-Штука“ не е само рудник. Тоа е прашање дали Македонија ќе има храброст да разговара за индустриски развој, модерна инфраструктура, добро платени работни места и економија што ќе ги задржи младите дома.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни