Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека Владата е во завршна фаза на подготовка на измените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, со кои ќе се овозможи изградба на современи дата центри во државата.
Според Николоски, развојот на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација создаваат огромна потреба од дата центри, а Македонија треба стратешки да ја искористи таа можност за привлекување странски инвестиции.
„Планираме процесот да се води централизирано преку Владата, за потенцијалните инвеститори да добијат подготвени локации и проекти за инвестиции. Тоа ќе значи стотици милиони евра, нови работни места и раст на БДП“, изјави Николоски.
На темата за дигиталната инфраструктура и безбедноста на државните податоци говореше и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување на „4ТВ“. Тој откри дека во минатото институциите функционирале без централизирана дигитална стратегија, при што секое министерство самостојно набавувало сервери и ИТ-опрема.
„Се изнајмуваа сервери по Германија, буквално кој како ќе стигнеше, така се снаоѓаше со хардверска опрема“, рече Андоновски.
Тој посочи дека Владата сега спроведува целосна централизација на државните податоци, а дел од институциите веќе се мигрирани на нова инфраструктура во рамки на Министерството за дигитална трансформација.
Андоновски нагласи дека податоците се заштитени преку енкрипција, а резервните системи се чуваат во државниот дата-центар во Прилеп, кој ги исполнува европските „Tier 3“ стандарди.
Во тек е и физибилити студија за изградба на нов голем државен дата-центар, по што институциите повеќе нема да смеат да чуваат податоци во несоодветни услови.
„Мал прекин на струја, поплава или пожар може да предизвика национална катастрофа ако податоците не се соодветно заштитени“, предупреди Андоновски.