Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека добил уверување од американскиот претседател Доналд Трамп дека нуклеарната програма на Иран ќе биде целосно демонтирана и дека Израел ќе ја задржи слободата на дејствување против воените закани според секој договор со Иран.
Нетанјаху во објава на социјалната мрежа X изјави дека тој и Трамп разговарале за меморандум за разбирање што ќе овозможи повторно отворање на Ормутскиот теснец, како и за претстојните преговори за конечен договор за нуклеарната програма на Иран.
„Се согласивме дека секој конечен договор со Иран мора да ја елиминира нуклеарната закана“, рече Нетанјаху, додавајќи дека ова вклучува „демонтирање на иранските постројки за збогатување ураниум и отстранување на збогатениот нуклеарен материјал од иранска територија“, објави „Тајмс оф Израел“.
Тој истакна дека Трамп го повторил правото на Израел да се брани од закани „на сите фронтови, вклучително и Либан“.
Нетанјаху додаде дека му се заблагодарил на Трамп за она што го нарече негова „непоколеблива посветеност на безбедноста на Израел“.
Иран наводно одбил да ја вклучи својата нуклеарна програма во меморандумот за разбирање и е подготвен да разговара за тоа само како дел од преговорите за конечен договор.
Според претходните извештаи, првичното 60-дневно примирје требало да вклучува прекин на огнот со либанскиот Хезболах, кој е поддржан од Иран.