Авион на Кралските воздухопловни сили (RAF) во кој се наоѓаше министерот за одбрана Џон Хили имаше прекин на GPS сигналот додека леташе во близина на руската граница оваа недела. Хили се враќаше во Велика Британија во четврток по посетата на британските трупи во Естонија, а се верува дека прекинот е предизвикан од Русија. Прекинот на GPS ги принуди пилотите да користат алтернативни системи за навигација за време на тричасовниот лет, објави Би-Би-Си.
Инцидентот првпат го објави весникот „Тајмс“. Не е познато дали Хили бил директна цел, но весникот објави дека патеката на авионот била јавно видлива на веб-страниците за следење на летот. Министерството за одбрана е контактирано за коментар.
Понови инциденти
Инцидентот се случува само еден ден откако беше објавено дека два руски борбени авиони имале „повеќекратни и опасни“ пресретнувања на шпионски авион на RAF над Црното Море минатиот месец. Во тој инцидент, руски борбен авион Су-35 се приближил до извидувачки авион „Ривет Џојнт“ толку блиску што биле активирани итни системи, со што се оневозможил автопилотот.
Покрај тоа, Су-27 направи шест прелети пред британскиот авион, приближувајќи се на шест метри од неговиот нос. Пред инцидентот со попречувањето, Хили беше во Естонија каде што разговараше со припадници на британските вооружени сили кои учествуваа во воена вежба на НАТО во близина на руската граница.
Хили го пофали „извонредниот професионализам“ на екипажот на RAF за време на она што тој го нарече „неприфатливи“ руски прелети. Министерството за одбрана ги опиша прелетите како најопасната руска акција од 2022 година, кога „нечесен“ руски пилот испали ракета кон авион „Ривет Џоинт“ над Црното Море.
Ова не е прв пат авион што превезуваше британски функционер да биде предмет на попречување. Во 2024 година, авион на RAF што го превезуваше тогашниот министер за одбрана Грант Шапс, исто така, имаше блокиран GPS сигнал додека леташе во близина на руска територија.