Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во понеделник изјави дека медијациските напори на Исламабад за завршување на војната меѓу САД и Иран напредуваат и дека „работите се движат во вистинската насока“. Шариф, кој е во посета на Пекинг, го припиша напредокот на пакистанската војска и поддршката од Кина.
Пакистански извори за агенцијата Анадолија изјавија дека се уверени дека САД и Иран би можеле да потпишат привремен договор за завршување на војната во кое било време оваа недела.
Пред состанокот со неговиот кинески колега Ли Ќијанг, Шариф рече дека медијациските напори на Исламабад за постигнување договор меѓу двете завојувани страни веќе покажуваат напредок. Во изјавата објавена од државната пакистанска телевизија, тој рече дека Пакистан одиграл „искрена улога како медијатор меѓу САД и Иран“.
Пакистан за разговорите меѓу САД и Иран: Работите се движат во вистинската насока
Шариф особено ја пофали улогата на началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, за кој рече дека е во постојан контакт со раководството на двете страни. Мунир минатата недела беше во Техеран, каде што разговараше со врвни ирански функционери како дел од медијациските напори на Исламабад за прекин на конфликтот на Блискиот Исток.
„Се надеваме и се молиме за мир, а многу е веќе постигнато“, рече Шариф, заблагодарувајќи му се на кинеското раководство за поддршката на медијациските напори на Исламабад.
„Мислам дека навистина треба да се држиме заедно за да го одржиме мирот во светот и да го вратиме бизнисот во нормала, бидејќи оваа криза не само што влијаеше на економијата во регионот, туку и на целата глобална заедница“, додаде тој.
Кинеските државни медиуми објавија дека кинескиот претседател Си Џинпинг се сретнал со пакистанскиот премиер во Пекинг во понеделник, додека Пакистан ги продолжува своите дипломатски напори за прекин на застојот меѓу САД и Иран. Шариф е во четиридневна официјална посета на Кина. Претходно во текот на денот, тој беше пречекан од кинескиот премиер Ли Ќијанг во Големата народна сала. Посетата се одржува во годината во која Кина и Пакистан ја слават 75-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи.