Свет

Зголемен бројот на заразени од хантавирус на крузерот, три смртни случаи досега

Зголемен бројот на заразени од хантавирус на крузерот, три смртни случаи досега

Бројот на потврдени случаи на зараза со хантавирус поврзани со крузерот „МВ Хондиус“ се искачи на 13, соопшти денеска генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Тој на социјалната мрежа Икс објави дека Шпанија пријавила нов случај меѓу патниците кои се наоѓаат во карантин, со што вкупниот број достигнал 13 заразени лица.

Според досегашните информации, меѓу заразените има и три починати лица, но од 2 мај наваму не се регистрирани нови смртни случаи.

Гебрејесус наведе дека ситуацијата останува стабилна, а заболените патници добиваат соодветна медицинска нега, додека останатите лица остануваат во карантин.

Во изминатите две недели сите преостанати патници, членови на екипажот и медицинскиот персонал го напуштиле луксузниот крузер на кој избила епидемијата.

Хантавирусите се вируси кои се пренесуваат преку глодари и можат да предизвикаат сериозни заболувања кај луѓето, а според проценките на СЗО, годишно во светот се регистрираат меѓу 10.000 и 100.000 случаи, во зависност од видот на вирусот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни