Сè поголем број македонски граѓани се одлучуваат да заминат на сезонска работа во странство, при што годинава се очекува околу 25.000 лица да бидат ангажирани надвор од земјата.
Најголемиот дел од нив, повеќе од 15.000 работници, заминуваат во Хрватска, додека помали групи се упатуваат кон Црна Гора, Италија, Швајцарија и Словенија. Најчесто станува збор за ангажмани во секторот на угостителството, каде платите се значително повисоки од домашните – најмалку двојно повисоки од просечната месечна заработка во Македонија.
Според агенциите за посредување при вработување, растот на платите во европските земји е директна последица на недостигот од работна сила и зголемената конкуренција меѓу работодавците.
„Има пораст на платите секаде, во сите земји, затоа што се плашат дека ќе останат без работници. Конкуренцијата на пазарот на трудот доведува до тоа да не можете да очекувате висока плата ако немате соодветни квалификации. Ако не ја испорачате услугата квалитетно, нема да добиете висока плата“, изјави Зоран Кочоски од агенција за посредување при вработување.
Тој додава дека и во едноставни работни позиции, како во угостителството или малопродажбата, продуктивноста и квалитетот на услугата се клучни фактори за висината на платата.
Во меѓувреме, Македонија се соочува со недостиг на работна сила, што доведува до зголемена потреба од увоз на странски работници. Според агенциите, се почесто се ангажираат работници од Кенија, Индија, Бангладеш и Непал.
Кочоски, кој моментално се наоѓа во Кенија, вели дека интересот за работа во Европа е голем, бидејќи разликата во заработката е значителна.
„Таргет за регрутација ни е околу 3.000 до 3.500 лица годишно ширум Европа. Просечната плата таму е од 250 до 350 долари месечно. Ако ние понудиме 600 или 700 долари, секако дека би дошле, но мора да обезбедиме и сместување за да можат да градат кариера“, додава тој.
Од агенциите предупредуваат дека е потребно построго регулирање на процесот на увоз на работна сила, како во Македонија, така и во Европа, бидејќи сè почесто се случува работниците да немаат соодветни квалификации за работните позиции за кои се ангажирани.