Денешното рочиште за случајот „Пулс“, кое се одржува во судницата во затворот во Идризово, беше проследено со засилено присуство на домашни и меѓународни набљудувачи.
Покрај постојаните мониторинг-тимови од ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“, Здружението на млади правници и Институтот за човекови права, на рочиштето присуствуваше и Н.Е. Грегор Прескер, амбасадор на Република Словенија.
Присуството на ваков широк спектар на набљудувачи и дипломатски претставници се оценува како значаен индикатор дека судскиот процес се следи со зголемено внимание и надвор од државата.
Во предмет со исклучително тешка и чувствителна тежина, во кој животот го загубија 63 млади лица, а стотици семејства останаа со трајни последици и болка, ваквиот интерес се смета за важен фактор за зајакнување на довербата во правосудниот систем.
Истовремено, присуството на набљудувачите се оценува како поддршка за транспарентноста на процесот и за институционалната одговорност во постапката која привлекува силно внимание во јавноста.