Населението на Јапонија се намалило за 2,5 отсто во последните пет години, покажуваат податоците од пописот објавени утрово, што претставува најголем пад од почетокот на пописите во 1920 година.
Според прелиминарните резултати од пописот кој се спроведува на секои пет години, населението на четвртата по големина светска економија во 2025 година паднало на 123 милиони луѓе, што е за над три милиони помалку во однос на претходниот попис од 2020 година.
Забележаниот пад е повеќе од трипати поголем од оној во периодот меѓу 2015 и 2020 година, пишува Франс прес. Овие податоци „уште еднаш потврдуваат дека демографскиот пад на нашата земја се влошува“, изјави владин портпарол Минору Кихара.
Влошување на ситуацијата
Според податоците на Светската банка, Јапонија, по Монако, има најстаро население во светот. Стапката на наталитет во 2023 година изнесувала 1,2, што е значително под 2,1 дете потребни за одржување на бројот на населението.
Официјални податоци објавени претходно оваа година покажаа дека бројот на новородени во Јапонија во 2025 година паднал десетта година по ред, со вкупно 705 илјади новородени.
Иако како решение за демографскиот пад често се споменува имиграцијата, конзервативната премиерка Санае Такаичи се залага за построги мерки против приливот на странци, пишува Франс прес.
Јапонските лидери со ограничен успех се обидуваат да го поттикнат склучувањето бракови и наталитетот преку зголемување на детските додатоци и надоместоци за грижа, субвенционирање на породилни отсуства, па дури и со воведување апликации за запознавање.