Сојузен судија во Соединетите Американски Држави привремено го блокираше формирањето фонд вреден 1,8 милијарди долари, наменет за исплата на обештетувања на лица кои тврдат дека биле мета на политички мотивирани истраги од претходните претседателски администрации. Формирањето на фондот е дел од спогодба со која претседателот Доналд Трамп ја заврши својата тужба против американската Пореска управа, пишува Би-Би-Си.
Судска забрана
Судијата денеска со налог од две страници му забрани на Министерството за правда да презема какви било чекори во врска со фондот, вклучително и обработка или исплата на барања за обештетување, сè до прелиминарното рочиште закажано за 12 јуни.
Минатата недела Министерството за правда најави формирање на таканаречениот „Фонд за спречување злоупотреба на овластувања“. Овој потег беше дел од договор со претседателот Трамп, со кој тој се откажа од тужба против Пореската управа (IRS) тешка 10 милијарди долари, поднесена поради протекување на неговите даночни пријави.
Кој може да бара обештетување?
Иако во документот за формирање на фондот не е прецизирано кој може да аплицира за исплати, многу поддржувачи на Трамп, кои биле кривично гонети поради учество во немирите на Капитол на 6 јануари 2021 година, најавиле дека ќе бараат обештетување.
Формирањето на фондот предизвика остри реакции од демократите, но и од некои републиканци, кои изразија загриженост бидејќи фондот нема изрично одобрение од Конгресот и би функционирал со минимален надзор. Џон Тун, републикански лидер во Сенатот, изјави дека не е „голем поддржувач“ на фондот и дека не му е јасно како ќе се обработуваат барањата.
Правни предизвици
Тужба во Вирџинија поднесоа двајца мажи кои тврдат дека фондот е дискриминаторски. Тие наведуваат дека биле мета на политички реваншизам од администрацијата на Трамп, но сметаат дека истата таа администрација не би им дозволила да поднесат барање за обештетување. Тоа е една од неколкуте тужби против фондот кои моментално се пред федерални судови.
Во среда, група од 35 поранешни федерални судии испрати писмо до судијката која го надгледува даночниот спор на Трамп, повикувајќи ја подетално да ги преиспита условите на спогодбата. Според тие услови, на Пореската управа ѝ е забрането и да ги проверува даночните пријави што во минатото ги поднеле Трамп, неговото семејство и неговите компании. Би-Би-Си побара коментар од Белата куќа.